За тимот на Е.Пелистер ова е многу важен ден. На официјалната ждрепка предпладнево ги доби ривалите од групната фаза од Лигата на Шампионите, а потоа и распоредот на мечевите. Келце, Кил, ПСЖ, ПИК Сегед, Алборг, Загреб и Колстад се ривалите на битолчани, а тренерот Александар Јовиќ коментирајќи ја групата и распоредот и нема што премногу да каже. Искусниот стратег смета дека едноставно тимот треба да ужива во она што следува за Е.Пелистер, и дека секоја секунда одиграна во Лигата на Шампионите е злато вредна.
„Ни претстои сезона во која треба да уживаме и гордо и достоинствено да ги претставиме клубот, Битола и Македонија во европската елита. Ние сме во фаза на градење на екипата која ќе игра во Лигата на шампионите и прва мисија ни е да изградиме компетитивен тим. Убеден сум дека со страст, борбеност и квалитет скапо ќе ја продадеме кожата и достоинствено ќе се претставиме. – изјави тренерот на Е.Пелистер, Александар Јовиќ.