Петар Панов го освои третиот турнир од снукер првенството

151

Кавадарчанецот Петар Панов на најдобар начин ја искористи укажаната шанса и со триумф на третиот турнир „Алфа Плам Националното првенство во снукер“ го презема првото место во генералниот пласман.

Во отсуство на актуелниот двократен шампион Берат Јашари, Петар Панов во финалето се сретна со Јане Хакинен, натпреварувач од Финска кој има престој во нашата земја, а претходно играл под знамето на неговата татковина на неколку европски првенства.

Финалето беше одлучено во петтиот одлучувачки фрејм, со неефикасна игра од поентерска гледна точка. Панов покажа смиреност во финишот на мечот и успеа да го земе последниот фрејм против Јане Хакинен, по што го подигна и трофејот за победникот на турнирот.

Претходно, беа исто така видени повеќе изедначени дуели кои донесоа возбудливи моменти. По пауза од речиси една година, на турнир од „Алфа Плам Националното првенство во снукер“ играа и тројца јуниори, кои имаа забележителен настап во конкуренција со најискусните и најдобри македонски снукер играчи. Посебно треба да се издвои третиот меч на 14-годишниот Теодор Величковски против репрезентативецот Петар Колоски, каде што една топка го двоеше од победа од 2 спрема 0 и сензација со освојување на првото место во квалификациската група.  Теодор немаше среќа во неколкуте обиди за меч топки и остави простор за многу поискусниот охриѓанец да се врати во игра, да победи во фрејмот и на крај да победи во мечот.

Исто така и младите Андреј Чипишков и Марко Велечковски одлично се носеа со постарите противници.

Финецот Хакинен на својот пат до првото финале во Македонија најпрво имаше победа над младиот Марко Величковски, а потоа и со фаворитите во групата, Матоски и Бошески. Во четвртфиналето одигра против Ризов, како по непишано правило: губејќи го првиот фрејм, но победувајќи на крајот. Во полуфиналето имаше најтешка задача против првиот македонски снукер шампион, Павле Данилов, но со 3:1 обезбеди место во завршницата.

Петар Панов се чини дека имаше несигурен старт во мечевите од групната фаза. Влезе во елиминациите како второпласиран во групата, со пораз од секогаш незгодниот Лукревски. Но, победата над Колоски во четвртфиналето му ја даде потребната самодоверба, па потоа во нов меч со Лукревски излезе како победник со максимални 3:0 и го осигура настапот во финалето. Отсуството на Јашари како да беше во ист момент и предизвик за Панов, но и недостаток на „јадец“ за повисок квалитет во играта. Сепак, победата од 3:2 му донесе прво место и поени со кој избива на чело во генералниот пласман, по што ќе има два дуели со Јашари до крајот на сезоната, во кои ќе биде решено прашање на шампионот.

По летните одмори, Снукер Асоцијацијата ќе продолжи со организација на преостанатите турнири во сениорска конкурнција што се бодуваат за државното првенство, како и со јуниорското првенство на Македонија.

ПретходноОфицијално: Ковачиќ потпиша за Манчестер Сити
СледноПлејмејкерот Кeфи го напушти МЗТ и замина во Полска