На состанокот на Извршниот одбор на УЕФА се дискутира за правилото кое спречува заобиколување на правилото на финансискиот фер плеј. Клубовите досега наоѓаа „дупки“ во правилото, но од сега се воведуваат построги правила. Должината на траењето на купените играчи ќе се ограничи на пет години.
Повод за воведување на новото правило е потегот на Челзи со купување на фудбалери, a фокусот е насочен на трансферот на Енцо Фернандез. Аргентинецот потпиша договор на осум и пол години, а сумата од 120 милиони евра Челзи ја развлече на споменатиот период со цел да ги амортизира високите трошоци од трансферот. Oд сега Челзи нема да смее да го прави тоа.
Со новото правило играчите можат да потпишат договор на колку што сакаат, меѓутоа клубовите ќе мора да ја оправдаат инвестицијата во рок од максимални пет години.
Исто така на состанокот се разгледуваат и клубовите со исти сопственици. Така Брајтон и белгиски Унион Ст.Жило кои се квалификуваа за ЛЕ се во сопственост на Тони Блум, додека Тулуз и Милан се во сопственост на американската инвестициска компанија „RedBird Capital“. Одлуката за овие клубови ќе биде донесена до петок.