УЕФА во следните две недели ќе одлучи дали Барселона ќе игра во Лигата на шампионите

86

УЕФА до средината на јули ќе донесе одлука за евентуално повлекување на Барселона од Лигата на шампионите за следната кампања, пренесува утринава весникот „Марка“. Европската фудбалска куќа ја продолжува истрагата за скандалот кој се појави во јавноста околу случајот „Негреира“, но конечната одлука ќе ја донесе Комисијата за етика и дисциплина.

Откритијата околу скандалот покажуваат дека Каталонците во периодот од 2001 до 2018 година му платиле вкупно 7,3 милиони евра на Хозе Марија Енрикез Негреира за различни услуги кои раководството на Каталонците ги дефинираше како „консултации“. Во тоа време, сепак, Негреира беше потпретседател на Судиската комисија во Шпанија, што е класичен пример за судир на интереси, бидејќи можел директно да влијае на одлуките на арбитрите.

Пред неколку недели стана јасно дека двајца инспектори на УЕФА во случајот дошле до заклучок дека Барселона заслужила да биде казнета со исфрлање од Лигата на шампионите, но европската фудбалска централа продолжува да ја истражува ситуацијата со сите екипи кои се квалификувале за следната сезона. Ова е една од причините за одлуките кои се очекуваат наскоро, бидејќи во случај на повлекување на тимот, замената мора да биде навреме информирана за да може да се подготви за учество, а понекогаш тоа може да се направи веќе од прелиминарните кругови.

Во слична ситуација е и Јувентус, кој вчера во Италија беше информиран дека голема е веројатноста многу брзо да добие казна за финансиските нерегуларности кои доведоа до казна со одземени бодови од Италијанската федерација.

 

ПретходноМилан го претстави Спортиело (ВИДЕО)
СледноФиорентина го купува голманот на Динамо Загреб