Со промоција на новиот стручен штаб, ребрендираниот прволигаш Брера Струмица денеска ги почна подготовките за новата првенствена сезона. Тимот ќе го предводи Џовано Валенти, кој денеска ја имаше и првата прозивка и тренинг со фудбалерите на комплексот СРЦ „Пандев“ . Станува збор 47 годишен тренер кој дојде од младинскиот погон на Парма, а има работено и со младинските категории на Јувентус, Бреша и Милан. Валенти беше и две години помошник тренер на младинските репрезентации на Италија до 19 и 20 години.
За негов помошник е ангажиран 56 годишниот Микеле Кавали, кој во својата кариера има работено во Шахтјор, Сасуоло и Јувентус. Тренер на голманите ќе биде Алесандро Пегорари, кој работеше со младинските категории во Парма.
„Ќе дадеме се од себе за да ја донесеме овде нашата идеја, нашата филозофија. Сакаме да се игра добар фудбал, добар стил на фудбал. Ние сме млад тим имаме доста млади играчи, но тоа ми се допаѓа и најважната работа во моментот е да им се помогне да пораснат да се подобрат и потоа да видиме што може да се направи за да ги вклучиме во првиот тим“, вели Валенти во својата прва изјава по доаѓањето во Струмица.