Шпански „Мундо Депортиво“ објави дека истражителите на УЕФА не успеале да најдат докази дека Барселона подмитувала шпански судии во периодот од 2001 до 2018 година. Нивниот заклучок допрва треба да го усвои Комитетот за жалби при европската фудбалска организација, но се чини дека каталонскиот гигант ќе биде прогласена за невин и ќе помине без санкции, што значи дека ќе игра во Лигата на шампиони.
Обвинителството во Барселона поднесе обвинение против поранешните претседатели Бартомеу и Сандро Росело. Тие беа обвинети дека платиле вкупно 8,4 милиони евра на Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешниот потпретседател на шпанската судиска комисија и неговата компанија. За возврат, Негреира наводно делегирал судии за да им одговараат и гарантирал дека ќе ја фаворизираат Барселона.
Во периодот во кој наводно се случувале коруптивните акции, претседател на клубот бил и актуелниот предводник на Барселона, Жоан Лапорта, поради што првиот човек на Ла Лига Хавиер Тебас го повикал да се повлече. Лапорта одговори дека нема шанси да поднесе оставка, а обвинувањата против Барселона започнаа три дена откако нејзиниот претседател изјави:
„Нека биде јасно дека Барселона никогаш не купувала судии и никогаш немала намера да ги поткупи. Апсолутно никогаш“.
Истражителите на УЕФА, Жан Самуел Леуба и Мирјан Колер од Швајцарија, не нашле докази за потврда на сомнежите, а Барселона, според Мундо Депортиво, дала детални одговори на 70 прашања за истрагата што им ги доставила ФИФА. Каталонскиот гигант на тој начин треба да избегне драконски казни како долгорочно исфрлање од европските натпреварувања.