38-члената делегација на спортисти со која Македонија се престави на годинешното издание на Европските Игри во Краков во нашата земја се врати со само еден освоен медал. Дејан Георгиевски обезбеди сребро во натпреварите во таеквондо, каде можеби имавме најдобра шанса да освоиме уште еден медал, затоа што нашата Мила Рељиќ беше многу блиску до освојување на бронзата.
Останатите спортисти кои се појавија во Полска имаа само „ревијални“ настапи. На финалната листа на освојувачи на медали, Македонија е на самото дно во друштво на Босна и Херцеговина и Монако кои исто како и ние имаат по едно сребро.
На листата на медалисти, Италија е најуспешната нација со 100 освоени медали, од кои 35 златни, а зад нив се Шпанците со 57 медали, од нив 21 злато, колку што имаа и натпреварувачите од Украина, кои освоија вкупно 41 медал.