Во вторник во Виљнус, нашиот шампион ќе го одигра својот прв меч од 1.квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Ждрепката сакаше Струга ТЛ во својот деби настап во ова натпреварување за ривал да го има силниот тим на Жалгирис, првак на Литванија.
Секако дека еден од адутите на стружани е Бесарт Ибраими, “бомбардерот“, најдобриот стрелец во историјата во ПМФЛ, човекот кој досега на 43 европски меча има 19 голови.
Ибраими за клупскиот сајт има свој коментар за претстојните дуели со тимот од Литванија.
„Играме против екипа која лани играше во групната фаза во Лигата на Конференции. Јасно е дека очекувам тежок двомеч, но верувам дека Струга ТЛ може да ја мине оваа пречка. Најважно е каков резултат ќе извлечеме на гостувањето во Литванија, а потоа во Охрид, на реваншот се е можно. Стручниот штаб го анализира противникот, добро сме подготвени, мораме да го дадеме својот максимум, тука нема дилеми“ изјави покрај другото Бесарт Ибраими.