Со добра игра во текот на целиот натпревар, македонската женска репрезентација го запиша првиот триумф на ЕП „Б“ Дивизија У18. Избраничките на селекторот, Јелена Антиќ ја совладаа селекцијата на Норвешка со 72-57.
Победата девојките го најавија во првата четвртина во која поведоа со 19-6. Одличната игра продолжи и во следниот период, па на одморот беше 38-18.
Третата четвртина беше иста како претходните периоди, по тројката на Ангеловска, во 25.минута, Македонија поведе со 50:26, највисоката предност коа ја имаше нашиот женски јуниорски состав на мечот во софиска „Тријадица“.
До крајот беше само чиста рутина, Македонија без проблем го приведе мечот во своја корист.
Откако го „прескокна“ дуелот со Данска, Марија Николов се врати со 15.поени (и четири асистенции и два скока).
Минути на одлична игра имаше и Милица Николиќ, која го заврши натпреварот со дабл-дабл ефект, изразен со 14.поени и 12.скока. Осум поени постигна Ана Ангеловска, по пет имаа Михаела Алексовска и Божица Стоевска, летири даде милованова, а во листата на стрелци се запиша и Деа Хоџа.
Утре, од 14.30 часот, ќе го играме и вториот натпревар од новоформираната група „Е“ за пласман од 9.до 18.место на ЕП. Противник на нашите јуниорки е репрезентацијата на Велика Британија.