Остануваат уште три дена до дебито на Струга ТЛ во квалификациите во Лигата на Шампионите и првиот дуел во Виљнус против Жалгирис од 1.квалификациско коло.
Секако дека на овие европски натпревари најмногу се очекува од најискусните, од оние кои досега играле вакви мечеви. Еден од тие во таборот на Струга ТЛ е Меџит Незири, искусниот дефанзивец кој досега покрај тоа што играл за Ренова и Шкендија, има интернационално искуство како фудбалер на Дачија (Молдавија) и Вентспилс (Летонија).
И тој многу добро знае дека нашиот шампион го чекаат тешки два меча, првиот на 11 јули во Виљнус, а вториот во Охрид на 18 јули.
За “Спортмедиа“ Меџит Незири ги изнесе своите очекувања…
„Пред нас е двомеч со искусна, квалитетна екипа. Жалгирис како клуб има големо искуство од вакви мечеви, а како тим е преполн со странци. Мислам дека играат во формација 4-4-2, имаат опасен напад. Од друга страна во изминатите денови речиси во детали ги анализиравме, и секако дека знаеме што треба да направиме против овој тим на овие два меча. Можеби онака на прв поглед се фаворити, па играа лани во групната фаза во Лигата на Конференции, но ние сме Струга ТЛ, ние сме шампиони на Македонија и секако дека и ние поседуваме квалитет“.
Во продолжение дефанзивецот на Струга Трим Лум вели дека е оптимист…
„Да, да. Тука нема дилеми дека сите ние во клубот веруваме дека оваа пречка може да се мине. Секако дека ќе биде тешко, многу тешко, имаме ќе имаме работа со навистина исклучително квалитетен состав, но ако на првиот меч во вторник успееме да обезбедиме добар резултат, е тогаш на реваншот во Охрид се е можно. Искрено јас сум оптимист, верувам дека можеме да ја минеме оваа пречка. Добро е што нема повреди и отсуства во нашиот тим, сите сме подготвени да го дадеме својот максимум. Знаеме добро што ни следува ако го минеме тимот од Литванија, а тоа е спектакл со Галатасарај и најмалку пласман во плеј – офот во ЛК“ рече на крајот Незири.