Утре од 18 часот во Виљнус, нашиот шампион Струга Трим Лум ќе го одигра првиот меч од 1.квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Ждрепката сакаше во својот деби настап во ова натпреварување, стружани за ривал да го добијат првакот на Литванија.
Жалгирис е силен, квалитетен тим, но ако се земе в предвид традицијата тогаш нашиот шампион не би требало да има проблеми да ја мине оваа пречка.
Имено досега македонските клубови во квалификациите во ЛШ,в во ЛЕ или ЛК не знаат што е елиминација од литванските.
Едноставно сме махери за клубовите од таа земја.
Три двомеча и три триумфи на нашите клубови.
Шкупи или Слога Ј по старо, во сезоната 2001/02, во 1.квалификациско коло во ЛШ беше поуспешен од Каунас со резултат 0:1 дома и 1:1 на гости, па мина благодарение на голот во гости.
Хоризонт Турново во сезоната 2013/14 во 1.квалификациско коло во ЛЕ, ја мина Судува и тоа со резултат 2:2 на двата меча, но турновци беа подобри пеналџии.
И Шкендија во сезоната 2017/2018 во 3.квалификациско коло во ЛЕ, со резултат 3:0 и 1:2 успеа да ја мине екипата на Тракаи.
Инаку Жалгирис Виљнус досега се нема сретнато со наш клуб, а ова лето и Шкупи ќе ги игра против тим од Литванија и тоа во квалификациите во ЛК против Хегелман.
Првиот меч се игра на гости на 13 јули а реваншот во Скопје на 20 јули.
Секако дека посакуваме традицијата да продолжи, и Струга ТЛ и Шкупи да ја минат првата пречка ова европско лето.