Доцна попладнево од 18 часот на стадионот “ЛФФ“ во Вилнус, нашиот шампион, тимот на Струга ТЛ ја пишува историјата. За првпат во своето осумгодишно постоење ќе игра во квалификациите во Лигата на Шампионите. И тоа против Жалгирис, убедливо најдобриот тим во Литванија.
Според сите мерила Литванците се фаворити Тие лани играа во групната фаза во Лигата на Конференции, но сепак стружани поседуваат квалитет за да извлечат добар резултат на овој прв меч од 1.квалификациско коло за да во реваншот на домашен терен во Охрид успеат и да го елиминираат фаворитот.
Во пресрет на денешниот меч во Вилнус, за “Спортмедиа“ еден од најдобрите играчи на нашиот шампион, Буњамин Шабани истакнува:
“Повеќе од јасно е дека играме против добра, квалитетна екипа. Жалгирис лани играше во групната фаза во Лигата на Конференции, тоа мора да почитуваме. Од друга страна и ние сме шампиони, поседуваме квалитет. Решени сме да го дадеме својот максимум, и со многу дисциплинирана и тактички добра игра да дојдеме до добар резулта на овој прв меч. Јас како и секогаш, и сега сум оптимист“ заврши офанзивецот на стружани.