Очајните резултати на националниот тим на последните два меча од квалификациите за пласман на ЕП 2024 година се причината поради која утре на тапет пред членовите на УО на ФФМ е работата на селекторот Благоја Милевски. Со оглед на тоа дека со месеци репрезентацијата оди во надолна линија за очекување е одлука со која ќе биде раскината соработката со Милевски за мир во куќа, за нов лист, за нов предводник на клупата на „рисовите“.
СПОРТМЕДИА дознава дека веднаш по срамните 7:0 со Англија во Манчестер веднаш се размислувало за реакција на раководството на ФФМ за справување со кризата во националниот тим. Благоја Милевски немаше храброст да поднесе оставка па со тоа ја пренесе одговорноста кај УО на ФФМ кој утре за првпат ќе заседава по двата порази со кои репрезентацијата ги загуби шансата за изненадување во квалификациската група.
Владан Милојевиќ, човекот кој играше Лига на шампиони со Црвена Звезда е прв пик за нов предводник на репрезентацијата. Српскиот стратег кој ги направи темелите на новиот тим од „Маракана“ кој се врати со него во елитата на Европа лани беше на клупата на АПОЕЛ Никозија, мина кус период во АЕК Атина и во Ал Ахли во Саудиска Арабија. Тој е релативно млад и современ стратег чија што цена и годишна плата би можел да биде единствениот проблем за негова промоција во Македонија.
И додека „гори“ во националниот тим селекторското место го меркаат и домашни стартези кои ги користат сите блискости со актуелната власт и бараат начин како да седнат на местото кое утре треба да иде празно откако УО ќе му врачи отказ на Благоја Милевски.
Од сите домашни имиња најблиску до промоција е Гоце Седлоски кој веќе на големо работи за да стигне до посакуваната цел. Поранешниот капитен на репрезентацијата и трофеен тренер лани имаше лоша година и три откази во една сезона. Од наши извори дознаваме дека тој веќе го крои тимот на соработници и тимот на репрезентативци кои би се нашле на неговиот список. Се шпекулира дека негов главен адут за оваа позиција е Ајдин Олгун првиот човек на Шкупи кој деновиве е во Скопје и кој гледа свои математики во поставување на свој тренер во националниот тим. Олгун со години има проблем во својата земја (Турција), со законот но ете сега има пасош и може да патува, а со тоа да го менаџира Шкупи но и некои други работи во фудбалот во Македонија. Ако се погледне подалеку од „чашата“, одлуката за Седлоски е очекувана но истата е и ризичка со што УО на ФФМ целата понатамошна одговорност ќе ја превземе на своја страна!