По оној евро деби – настап пред две години во квалификациите во Лигата на Конференции против Лиепаја од Летонија, доцна попладнево од 18 часот, Струга Трим Лум, нашиот шампион, нашиот најдобар тим за првпат ќе игра во квалификациите во најсилното европско клупско натпреварување, а тоа е Лигата на Шампионите.
Секако дека овој меч со Жалгирис во Вилнус, прв од 1.квалификациско коло, ќе биде историски за стружани. За клубот кој само по осум години постоење се вивна на врвот на мак – фудбалот и сега посакува и европска промоција.
А дека момците на стратегот Шпетим Дуро ќе имаат тежок испит, тука нема дилеми. Противникот, кој денеска ќе биде домаќин на својот “ЛФФ“ стадион, е Жалгирис, најдобриот литвански тим, состав кој лани играше во групната фаза во Лигата на Конференции.
Можеби како клуб нашата Струга ТЛ нема којзнае какво европско искуство, но затоа има во својот состав и тоа како искусни играчи, како Ибраими, Радески, Бојку, Шабани, Ќосевски, Незири…кои и тоа како имаат играно вакви мечеви во своите кариери.
Во таборот на Струга ТЛ владее оптимизам, со насмевки вчера попладнето беше одработен тренингот на “ЛФФ“ стадионот, со верба во себе дека против силниот Жалгирис ќе може попладнево да се дојде до резултат кој ќе ни одговара во целост, за да можеме потоа во Охрид да решаваме за севкупниот победник.
Целта, амбициите се јасни, наградата се вика мега – спектакл и двомеч во 2.квалификациско коло во ЛШ против гигантот Галатасарај.
Да повториме, само благодарение на раководството на Струга ТЛ, спонзорот пред се, нашите фудбалски фанови ќе можат низ директен ТВ пренос на МРТВ да го проследат денешниот меч од Вилнус, и секако пред ТВ екраните да му ја дадат поддршката на нашиот шампион.