МЗТ Скопје и минатата сезона доминираше во македонскиот шампионат. Тимот од Аеродром го освои Купот на Македонија и стигна до десетата јубилејна титулата во својата историја.
Раководството на клубот заедно со тренерот Васко Атанасов веќе работат на создавање на „костурот“ на тимот за новата сезона.
СПОРТМЕДИА дознава дека во дресот на МЗТ Скопје останува братскиот тандем, капитенот Дамјан Стојановски и Војдан Стојановски. Двајцата се непроценливо богатство за „сино-белите“, двајцата се важен дел од шампионскиот „рецепт“.
Дамјан во МЗТ Скопје е од 2012 година, тој е заштитен знак на овој клуб. Низ годините беше една од главните причини за доминацијата на тимот од Аеродром, како и титулите кои ги освои.
Војдан, кој после повеќе од една деценија се врати во македонскиот шампионат, на дело покажа зошто е еден од најдобрите кошаркари на денешницата.
Капитенот на македонската репрезентација е пример за идните генерации, како треба да изгледа еден професионалец на теренот, и надвор од него. Тој во финалето на плеј-офот беше нерешлива енигма за Пелистер, битолчани немаа решение за неговата шампионска игра. Војдан сезоната што измина беше прогласен за МВП на финалето и Купот на Македонија.
МЗТ Скопје ростерот ќе го гради со домашни играчи, а потоа ќе се решава прашањето за странски засилувања.