Спортскиот директор на ФК Пелистер, Митко Стојковски преку клупската ФБ страница излезе со соопштение во кое изразува жалење за невистини кои се трасирани во јавноста. Соопштението ви го пренесуваме во целост.
„Соопштение
На излагањата на советот на општина Битола, комисиите и преку медиумите и социјалните мрежи изнесени се невистини и инсинуации заради кои се чувствувам лично, но и како генерален извршен директор на ФК ПЕЛИСТЕР повикан да се огласам.
Изјавите дека клубот има 60,70,80 технички лица на платен список се голема лага. Одговорно и транспарентно стоиме на располагање за верификација на нашите тела. Да нема непотребени и злонамерни лаги и провокации јавно обелоденуваме колку лица се ангажирани во клубот:
– 28 фудбалери;
– 4 лица – стручен штаб на Првиот тим;
– 2 лица – оперативен техничко-спортски персонал (Прв тим);
– 12 лица – тренери во Пионерско-младинската школа на клубот;
– 2 лица – оперативен техничко-спортски персонал (Пионерско-младинска школа);
– 2 лица – администрација;
– 5 лица – медицински персонал (2 доктори и 3 физиотерапевти);
– 1 лице – Комесар за безбедност;
– 1 лице – економат;
– 2 лица – одржување на терен.
Голем дел од овие наши членови работат за минимална плата и ниски хонорари. Сите информации за висината на примањата на вработените и ангажираните лица во клубот се јавно достапни од причина што за сите средства кои што клубот ги добива од Општината поднесуваме детален извештај (пропратен со банкови изводи) преку архивата на општина Битола за тоа како се потрошени средствата, а ако за тоа има потреба, спремен сум и детално да ви ги образложам во советот на Општина Битола.
Оваа бројка на луѓе сметаме дека е оптимална за ова ниво и оваа категорија на клубот. Нашите амбиции се поголеми и веруваме дека како ќе расте клубот, ќе се зголемуваат и ангажираните лица во клубот и нивните примања.
Јас и сите останати членови на Управниот одбор на ФК ПЕЛИСТЕР работиме волонтерски и не го оптеретуваме клупскиот буџет за ниту еден денар.
Митко Стојковски – Генерален извршен директор на ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола