Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски, за в понеделник (17 јули) го закажа официјалниот собир на репрезентативците за стартот на подготовките пред Европското пренство, кое на крајот на август почнува во Скопје.
Македонската одбојкарска репрезентација ја очекува третото учество на завршницата на континенталните првенства, прво под водство на најдобриот наш стручњак, кој се врати на кормилото на репрезентацијата токму за овој голем настан. Според планот, нашата репрезентација в понеделник на пладне ќе го има официјалниот собир во хотелот „Русија“ во Скопје, а веќе во вечерниот термин од 19 часот треба да го одржи и првиот тренинг во СЦ „Јане Сандански“.
Миленкоски на подготовките ќе повика 20 одбојкари. Официјалниот список ќе биде објавен деновиве, а одбојкарите ќе работат во Скопје се до 8 август, кога ќе заминат на мини-контролен циклус во Кавадарци каде ќе се одиграат и првите пријателски средби со селекциите на Израел и Јапонија.
По враќањето во Скопје, нашата репрезентација ја очекуваат уште три пријателски средби со селекцијата на Романија. Во финишот на подготовките ќе се одржи и Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ на кој ќе ги имаме и завршните тест-дуели пред стартот на Европското првенство и првиот дуел со Данска на 30 август во СЦ „Борис Трајковски“.