Така е тоа кога имаше добар ранкинг, за наши услови, па во првите две квалификациски коло во Лигата на Конференции си носител и имаш релативно лесна ждрепка. Шкендија во првиот меч од 1.квалификациско коло во ЛК за ривал ќе го има анонимниот велшки тим Хаферфордвест а потоа, во случај на минување во следната фаза, во втората рунда ќе игра со подобриот од двомечот Б36 Торшавн (Ф. ОСТ) и Паиде (ЕСТ).
Ете затоа велиме дека Шкендија има одлична шанса а и амбиции ова лето не само да стигне што подалеку туку и за првпат во својата историја да избори пласман во групната фаза.
Но, за тоа потоа.
Вечерва на Арената “Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20 часот, нашиот трет претставник во квалификациите во ЛК ќе ги одмери силите со Хаверфордвест од Велс.
Очекувањата се момците на стратегот Ардијан Нухиу уште вечрва, со убедлив триумф, дадат до знаење кој е кој во овој двомеч и реваншот во Кардиф следната недела го направат само да би биде едно убаво туристичко патување.
Јасно е дека во фудбалот, посебно на овие европски мечеви ништо однапред не се знае, но сепак ова е фудбал, разликата во класи е очигледна и Шкендија не смее да си дозволи во претстојните 180 минути ништо друго освен сигурен триумф.
Ова за тетовци ќе биде 12 излегување во Европа, постојано се таму од 2015 година и имаат досега три пласмани во плеј – офот во Лига Европа. Лани без пораз беа елиминирани во 3.квалификациско коло во ЛК, е, па време е ова лето за Шкендија да биде историско.