Македонската тенисерка Лина Ѓорческа избори пласман во четвртфиналето на Фјучрс турнирот во Рим за награден фонд од 60.000 долари. Таа во второто коло ја совлада Жибек Куламбајева од Казахстан со 2-1 во сетови (4-6, 6-2 и 6-3) за 2 часа и 7 минути.
Двете тенисерки имаа проблеми со освојување гемови на свој сервис, па така од 27 гема имаше дури 16 брејка (9 Ѓорческа и 7 Куламбајева).
Првиот сет почна добро за македонската тенисерка, која поведе со 2:0, но брзо ја изгуби предноста бидејќи противничката имаше серија од четири гема за водство од 4:2. Ѓорческа успеа да изедначи на 4:4, но тенисерката од Казахстан ги освои следните два гема и го доби сетот со 6:4. И во вториот сет резултатот беше 2:2 во гемови, но потоа следуваше серија од четири гема за Ѓорческа која го доби сетот со 6:2 и изедначи на 1:1. Решавачкиот сет почна со водство на Куламбајева од 1:0 по брејкот, но македонската тенисерка не дозволи противничката да се „одлепи“ и по 3:3 направи серија од три гема и го доби сетот со 6:3 и со тоа и мечот со 2:1 во сетови.
Утре во четвртфиналето Ѓорческа ќе игра со победничката од мечот Далила Спитери (Италија) и Сеоне Мендез (Австралија).