Најдобриот македонски тенисер, Калин Ивановски го заврши својот настап на Челинџер 100 турнирот во Јаши, Романија. Во четвртфиналето Ивановски беше совладан од Канаѓанецот, Стивен Диез со 2-0, по сетови 6-4 и 6-3.
Канадскиот тенисер го искористи искуството во еден ваков меч и реализираше три од шестте брејк топки, додека Ивановски немаше брејк од двете шанси кои ги имаше во мечот. Првиот и едниствен брејк во првиот сет Диез го направи во петтиот гем кога поведе со 3:2 во гемови и ја искористи предноста сетот да го добие со 6:4. Во вториот сет при водство од 3:2 за Ивановски, нашиот тенисер во следниот гем не искористи брејк топка да поведе со 4:2. Во седмиот гем Диез направи повторно брејк и поведе со 4:3, а во следниот гем македонскиот тенисер повторно не искористи брејк шанса и противникот поведе со 5:3. Во деветиот гем на сервис на Ивановски, тој на меч топка на противникот направи двојна сервис грешка и Диез сетот го доби со 6:3.
Ивановски имаше успешен настап на Челинџер 100 во Јаши, особено што постигна четири победи, а одлично беше прифатен и од домашната публика која го бодреше во четвртфиналето иако претходно елиминираше тројца романски тенисери. Ивановски меѓу двата сета побара и медицинска помош за болките што ги имаше во грбот.
За настапот во Јаши Калин Ивановски ќе добие 20 поени и 3.240 евра. Во моментов според ранг листата во живо Ивановски се наоѓа на 331 место, но во секој случај на новото рангирање во понеделник ќе има скок.