Нашиот маратонец Александар Илиевски се најде меѓу одбраните учесници на еден од најпрестижните светски пливачки маратони, „Ст. Жан“ во Квебек, Канада. Илиевски е во листата на пријавени учесници за настап на традиционалното 69. издание на маратонот кој е во должина од 32 километри.
Организаторите деновиве потврдија дека на престижната маратонска трка ќе настапи и еден од најдобрите пливачи на отворени води Французинот Аксел Рејмонд, двоен светски шампион на трки на 25 километри.
Во 2017 година во Будимпешта и во 2019 година во Гвангжу, Аксел Рејмонд ги освои врвните почести на Светското првенство во пливање во отворени води на 25 километри.
Конкуренцијата за првото место ја засили и светскиот вицешампион од2017 година, Италијанецот Матео Фурлан, како и уште еден Италијанец, бронзениот медалист на 25 километри од 2019 година, Алесио Очипинти.
Вкупно 24 пливачи ќе учествуваат наа ова 69-то издание, меѓу кои 15 мажи и 9 жени од 8 земји меѓу кои и Македонија. Трката е закажана на 29 јули.