Младинците ја „суредија“ и Велика Британија за полуфинале на ЕП „Б“ Дивизија (ФОТО)

579

Младинската машка кошаркарска репрезентација на Македонија се пласираше во полуфиналето на Европското првенство „Б“ Дивизија кое се одржува во Скопје. Нашите момци без проблем ја совладаа селекцијата на Велика Британија со 66-49, а за пласман во финалето ќе играат против подобриот од Холандија и Украина.

Андреј Митревски со 17 поени беше прв стрелец, зад него беше Теодор Симиќ со дабл-дабл од 13 поени и 11 скока, додека двоцифрен број на поени имаше Петар Бошалески со 10 поени.

Избраниците на Никола Василев добро го почнаа мечот, по првата четвртина имаа водство од 17-11, додека веќе на стартот на следниот период позитивата беше двоцифрена (21-11). Во нашите редови и нападот и одбраната функционираа многу подобро, па токму затоа „црвено-жолтите“ без проблем ја одржуваа предноста, која во еден момент изнесуваше плус 12 (30-18). На одморот Македонија имаше стабилни 32-21.

Сепак противникот успеа да создаде мал притисок. Во 26 минута Велика Британија успеа да дојде на 40-36, благодарение на серијата од 10-2. Андреј Митревски, најефикасниот кошаркар до овој дел од мечот го прекина налетот на противникот, се надоврза и Хот, Македонија зголеми на 45-36, со овој резултат двата тима влегоа во последната четвртина.

Томе Стојановски во 32. минута со два плус еден ја врати двоцифрената предност, Македонија имаше плус 53-42. Противникот не успеа да се врати, нашите младинци го вратија победничкиот ритам и без проблем го приведоа дуелот во своја корист.

 

Претходно“Тепачка“ на тренингот на Трабзон, “учествуваше“ и Барди! (ВИДЕО)
СледноМенди се расплакал додека ја слушал пресудата!