Со голот на Шала, Шкендија синоќа дојде до минимална победа над велшки Хаверфордвест Каунти во првиот квалификациски натпревар од Конференциската лига на УЕФА. Тренерот на тетовци, Ардијан Нухиу по натпреварот го пофали настапот на тимот и создадените шанси, надевајќи се дека во реваншот ефикасноста ќе биде на ниво за пласман во второто коло.
„Вчера изјавив дека нема слаби противници на овие нивоа. Имавме противник кој беше многу дисциплиниран, ни остави многу малку простор и имаше јасни идеи за одбрана и бараше контранапади за да не казни. Создадовме доволно шанси, можеби со малку среќа ќе постигневме и уште некој гол, но задоволен сум од играта на момците, бидејќи ова е прв натпревар. Момците покажаа карактер, никогаш не се откажуваа и ми се допадна како се справуваме со нивните ситуации при контра напад. Предноста за следниот натпревар е што сега одблиску го познаваме противникот. Овој натпревар ќе биде анализиран и ќе се подготвиме да ги добиеме и во реваншот“, вели Нухиу.