И Украина на „колена“: Младинците заверија финале и место во „А“ Дивизија (ФОТО)

1217

Македонската машка младинска репрезентација се пласираше во финалето на Европското првенство „Б“ Дивизија кое се одржува во Скопје и автоматски обезбеди пласман во „А“ Дивизија следната година. Нашите момци во полуфиналето ја совладаа Украина со 66-53. Останува оваа одлична игра „црвено-жолтите“ да ја крунисаат со пехарот во ова натпреварување, за противник ќе го имаат подобриот од дуелот меѓу Шведска и Чешка.

Ѕвезда на мечот беше Резард Мемед со 24 поени, зад него беше Хот со 12 поени и 11 скока, Симиќ реализираше 8 и 11 скока, Шошкиќ беше стрелец на седум поени, исто колку и Петков.

Младинците отворија со две тројки (6-4). Во изедначена битка, Македонија го направи првиот голем чекор. При 9-8, со серија од 13-0 (четири поени на Хот, четири на Стојановски, три на Петков, два на Шошкиќ) успеа да се одлепи резултатски, поведе со 22-8 на средината на втората четвртина. Колку одбраната функционираше одлично, говори фактот дека Украина беше без погодок шест минути.

Сепак противникот се разбуди, одговори со серија од 13-2 и намали на 24-21 во 18 минута. Симиќ го прекина налетот за 26-21, на одморот резултатот беше 33-25.

Со пет поени во низа на стартот на третиот период, избраниците на Никола Василев ја вратија двоцифрената предност, беше 38-27, а нешто подоцна Василевски со две слободни фрлања зголеми на 42-30 во 27. минута. Како некое непишано правило Украина пред крајот на овој период се врати и намали на 44-38 пред стартот на последната четвртина.

Пртотивникот дојде на минус шест 46-40, но Мемед со тројка ја стави Македонија во подобра позиција. Нешто подоцна Симиќ со едно слободно фрлање и Хот со два поени зголемија на 52-42 на пет минути до крајот и го отворија патот кон триумфот. Не се промени ништо, нашите момци газеа цврсто, не им дозволија на Украинците да им го одземат сонот, на крајот сосема заслужено славеа.

ПретходноГрабул и Деари утре ќе се борат за шампионската титула
СледноБрдаровски бил нападнат од „Комити“ среде тренинг!