Македонското едрење, по пауза од 12 години, повторно се враќа на европската и светската едриличарска сцена. Македонската едриличарска репрезентација составена од вкупно 12 едриличари ќе биде дел од Европското првенство за класата Оптимист кое ќе се одржува од денеска па до 21. јули во Солун, Грција, како и Светското првенство за класата Ласер – Илка 4, кое од 23. до 31. јули ќе се одржува во Волос, Грција.
На Европското првенство за класата Оптимист кое денеска стартува во Солун, Македонија ќе ја претставуваат седумте најдобри едриличари според ранг-листата во последните три години, членови на „Акватика Јахтинг” од Охрид, Мила Булатовиќ, Гала Булатовиќ и Павел Стоев, како и од ЕК „Снегар” од Струга, Андреја Кавај, Андреа Чуркоска, Марко Милески и Стефан Баракоски, а предводени од тренерите Драган Челешоски и Елена Аслимовска.
Македонија последен пат на едно европско првенство во еден од најатрактивните олимписки спортови учествуваше во 2010 година во Словенија, за да сега по сериозен развоен континуитет во последниве години повторно се враќа меѓу најдобрите европски едриличари. На шампионатот во Солун ќе учествуваат дури 300 натпреварувачи од 47 земји.
„По 12 години повторно се враќаме на меѓу најдобрите во светот. Претходно учествувавме во 2008 година на Светско првенство во Турција, 2009 година во Полска и во 2010 година последното Европско првенство кое беше во Словенија. Имавме некој застој потоа, за да сега со континуирана работа создадеме нова генерација квалитетни едриличари која ете не враќа назад на европската и светската сцена. Благодарение на Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт, лично се заблагодарувам на Наумче Мојсоски и Огнен Стојаноски кои несебично ни помогнаа да може квалитетно да се подготвиме за овие два значајни настани” – вели Драган Челешоски, член на натпреварувачката комисија при ЕФМ и тренер на ЕК „Снегар”.
На Светското првенство во Волос, пак, во класата Ласер-Илка 4, Македонија ќе ја претставуваат пет едриличари, Софија Ставрева, Илина Гаџовска и Евгенија Ставрева од „Акватика Јахтинг” од Охрид, и Мерт Лушо и Матеј Кавај од „Снегар” – Струга, во конкуренција на пријавени 450 натпреварувачи од целиот свет од кои 300 момчиња и 150 девојки.
„Овие две првенства за нас се од огромно значење ако се знае дека после долго време борба повторно сме на светската сцена. Условите за работа на Едриличарската федерација на Македонија и на клубовите беше доста тешка. Требаше да создадеме нови натпреварувачи кои ќе можат достојно да ја претстават Македонија на меѓународен план. Веќе две-три генерации се тука кои ќе настапат во различните класи. Имавме настапи на меѓународни регати и мислам дека имаме доволно искуство достојно да настапиме и на Европското и Светското првенство” – вели селекторот на македонската едриличарска репрезентација и претседател на натпреварувачката комисија при ЕФМ, Стефан Ставрев.
Натпреварувачите велат се подготвувале подолг временски период и се радуваат на можноста да бидат дел од собирот на најдобрите европски и светски едриличари во овие две класи.
„За нас е навистина огромна честа и задоволството што сме избрани во македонската репрезентација и тоа во овие генерации кои повторно го враќаат во живот македонското едрење. Се надеваме дека успешно ќе ја претставуваме Македонија на овие првенства, благодарни што ни е укажана шанса токму ние да ги браниме националните бои” – истакнуваат Марко Милески, Мила Булатовиќ, Мерт Лушо и Софија Ставрева во име на македонските репрезентативци.
А, настапите на ЕП во Солун и на СП во Волос, како што потенцираат од ЕФМ се овозможени со максимални напори од федерацијата затоа што, за жал, не се наидува на слух од домашните компании за поддршка на едрењето. За настапите на едриличарите најголемата поддршка сега беше од Агенцијата за млади и спорт, како и од Шпаркасе банка АД Скопје.
„Многу добро знаеме сите ние колку напори беа потребни за да се обезбедат комплетните финансиски средства за учество на едни вака силни шампионати во едрењето кое е и тоа како скапа спортска дисциплина. Но, на овие млади деца им е неопходна долготрајна помош. Би сакал да апелирам до пошироката јавност, до сите граѓани и компании кои го сакаат езерото, го почитуваат, сакаат да се заштити езерото да помогнат со финансиски средства бидејќи едрењето покрај спорт е и еколошка дисциплина, нема загадување на езерото. Иднината и на развојот на спортот и на туризмот го гледаме во развојот на едрењето.
Состојбата воопшто не е подобрена зошто апсолутно ништо не е направено од аспект на инфраструктура за развој на едрењето. Сите докови и пристаништа на Охридско езеро се руинирани. Апелирам до надлежните максимално да вложат напори сите тие да се реконстуираат, да се поправат, да се изработат нови од еколошки материјали и на тој начин да овозможиме поголема масовност за една од најатрактивните олимписки дисциплини која и тоа како силно се цени секаде во светот” – вели претседателот на Едриличарската федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ.
А, едриличарите и по ЕП и СП продолжуваат со натпревари од меѓународен карактер до крајот на оваа календарска година, на Интернационалните регати во во септември во Текирдак, Турција, и во октомври во Дубровник, Хрватска, а најава има и за настап на Европските купови во Србија и Унгарија.