Желбата на сите тениски гурмани е исполнета. Денеска (15 часот) во финалето на Вимблдон силите ќе ги одмерат Карлос Алкараз и Новак Ѓоковиќ. На едната страна го имаме Србинот, кој на 36 години не престанува да импресионира, доминира и руши рекорди, на другата страна е младиот Шпанец, кој со брзина на светлината се пробива низ височините.
Последен пат во финале играа во мај минатата година во Мадрид, Алкараз беше подобар со 2-1 во сетови во меч кој траеше речиси четири часа. По ова следеше реванш, Ѓоковиќ го победи Алкараз во полуфиналето на Ролан Гарос во јуни.
„Таа средба ми дава дополнителна мотивација. Навистина е посебно да се игра против легенда на нашиот спорт. Ако победам ќе биде неверојатно. Не само што ќе го освојам Вимблдон, тоа ќе биде на сметка на Новак Ѓоковиќ, а тоа изгледа суперспецијално“, изјави Алкараз.
Новак Ѓоковиќ игра за рекордниот осми трофеј на Вимблдон, исто колку што има пензионираниот Роџер Федерер. Србинот има низа од 34 победи на Вимблдон, тој доминира на Централниот терен, нема загубено меч цели десет години. Доколку денеска го победи Шпанецот ќе дојде до 24 грен слем титулата и од понеделник ќе се врати на врвот на АТП листата.
„Тој игра одлично на трева. Многу луѓе велеа дека неговата игра е идеална за земјена подлога, но тој е одличен на сите подлоги. Едно од моите најсилни оружје во кариерата беше таа адаптација на сите подлоги, тоа го научив многу млад и заслужува пофалби за тоа, има развиено добра игра на трева. Ја сакам титулата, во моментов ме чека најголемиот предизвик, и физички и психички. Алкараз може да трча, брз е, но јас се сметам себеси за комплетен играч. Се мачеше на Ролан Гарос,но тревата е сосема поинаква. И тој и јас сме гладни за успех, ќе видиме што ќе се случи. изјави Новак Ѓоковиќ во најавата за мечот.
Важен фактор може да биде публиката, која речиси сигурно ќе биде на страната на Алкараз, бидејќи веќе е добро познато каков однос има Ноле со Англичаните на трибините, кои со години не го толерираат и често се расправаат со него на натпреварите.