Под водство на НБА ѕвездата Денис Шрудер , Германија ја освои бронзата на Евробаскетот 2022 година. Тоа беше првиот медал за земјата по 17 години. Со оглед на тоа што претстои Светското првенство во Јапонија, Индонезија и Филипини (25 август до 10 септември), Германците сега сакаат да освојат уште едно признание.
„Сакаме медал“, изјави селекторот Гордон Херберт, кој на 31 јули, закажа старт на подготовките со 18 повикани кошаркари. Но, пред да започнат подготовките, на виделина се појавија неколку внатрешни прашања и преврирања меѓу две ѕвезди на германската кошарка. Имено, Денис Шрудер го нападна јавно Макси Клебер од Далас, дека минатата година не сакаше да игра за Германија на Евробаскетот, а сега одеднаш сака на Мундобаскетот.
„Макси не беше таму минатата година. Тоа всушност беше пораката за сите нас. Тогаш не знам зошто би дошол оваа година“, изјавил Шрудер.
Клебер во тоа време беше повреден, но, Шрудер не мисли така и смета дека Клебер не дошол од негови причини. Сега на потег е селекторот да се обиде да ја смири ситуацијата, ако не сака оваа кавга да му се прелее за време на Мундобаскетот.