Македонскиот кошаркарски репрезентативец Теодор Симиќ се најде во изборот на најдобрата петорка на Европското првенство од Б-дивизијата кое вчера заврши во Скопје. Симиќ имаше одличен настап во текот на целиот шампионат и беше еден од најголемите кандидати и за наградата МВП на првенството.
Во вчерашното финале со Чешка тој постигна 23 поени со 7 скока и 4 асистенции. Просекот во текот на целото првенство му беше 16 поени и 9,1 скок по меч.
Во најдобрата петорка на првенството се најдоа и Ондреј Свец и Ондреј Хустак од шампионот Чешка, како и Феликс Бростом од Шведска и Олександр Кобзистји од Украина. За МВП на првенството е прогласен Чехот Ондреј Свец.