Со првиот собир во хотелот „Русија“ во Скопје, денеска и официјално започнаа подготовките на машката одбојкарска репрезентација на Македонија за престојното Европско првенство 2023. Селекторот на нашата најдобра одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски, повика 19 одбојкари во првиот дел од подготвителниот период, кој ќе опфати и голем број тест-натпревари за што подобро темпирање на формата за континенталниот шампионат чиј домаќин ќе биде и Македонија. Репрезентативците веќе вечерва од 19 часот ќе го одработат и првиот тренинг.
Според планот на Миленкоски, првиот дел од подготовките ќе се реалзиираат во Скопје, по што селекцијата ќе замине на мини-подготовки во Кавадарци каде ќе се одиграат и првите пријателски мечеви со селекциите на Јапонија и Израел. Во првиот дел и по враќањето од Кавадарци репрезентацијата ќе тренира во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Македонија во Скопје е домаќин на групата „Ц“ од Евроволеј 2023, каде нашата репрезентација ќе се сретне со Данска, Црна Гора, Чешка, Холандија и Полска во битка за едно од првите четири места кои водат во втората фаза на првенството.