Одбојкарите на Струмица утре во Луксембург (12 ч.) ќе ги дознаат противниците за првата рунда од новото издание на најсилното клупско одбојкарско натпреварување, Лигата на шампионите на ЦЕВ. Европската куќа на одбојката денеска ги потврди шеширите од кои ќе се одредуваат групите за првата фаза која оваа година ќе се игра со изменет формат.
Место досегашните нокаут-квалификациски кола, ЦЕВ оваа година одлучи уште од првата фаза да се играат натпревари по групи. На утрешната ждрепка според новиот формат ќе бидат формирани четири групи (две со четири и две со по три екипи), од каде најдобрите две екипи од секоја од четирите групи ќе обезбедат пласман во втората фаза.
Таму исто така ќе се формираат две нови групи, од каде само победниците ќе им се приклучат на екипите кои директно обезбедија пласман во главната фаза на Лигата на шампионите.
Македонскиот шампион се рангиран во четвртиот квалитативен шешир со екипата на Прометеј Дњипро од Украина, тим кој сигурно нема да им биде противник на струмичани. Од останатите три квалитативни шешири, Струмица ќе добие по еден противник во една од четирите групи кои ќе бидат составени на утрешната ждрепка. Она што е сигурно е дека Струмица ќе биде во една од двете групи кои ќе имаат по четири екипи.