Љафтов: Нема веќе штедење, одиме силно до Европско

105

Александар Љафтов е еден од главните адути на нашата одбојкарска репрезентација за Европското првенство. И тој со своите репрезентативни колеги од синоќа влезе во нов тренинг процес кој треба да ја донесе вистинската форма на оваа селекција пред големите предизвици на крајот на август и почетокот на септември во Скопје.

„Долго време го чекаме ова Европско првенство. Одморивме, добро ни дојде оваа пауза, но веќе нема штедење, одиме со засилена работа. Во Златна лига видовме до каде сме и што треба да промениме, така што сега доаѓа она вистинското кое го чекаме долго време и каде мора да го покажеме најдоброто од нас“, вели нашиот примач.

„Сите се надеваме на две победи за да поминема во следната фаза. Но и во Словенија, ако се сеќавате, имавме две победи па не успеавме да минеме во втора фаза. Сега треба да бидеме внимателни, да ја играме нашата игра, да бидеме трпеливи и само така можеме да направиме добар резултат“, додаде Љафтов.

Нашата репрезентација и денеска со два тренинзи во текот на утринските и вечерните часови продолжува со работа во СЦ „Јане Сандански“ очекувајќи ги првите контролни средби на стартот на следниот месец.

ПретходноСевиља се врти кон Давид Де Геа
СледноОфицијално: Мициќ е нов кошаркар на Оклахома!