Македонскиот одбојкарски шампион Струмица доби интересна, но и доволно квалитетна група за првата рунда од натпреварите во Лигата на шампионите на ЦЕВ за новата сезона 2023/24. На денешната ждрепка во Ликсембург, Струмица се најде во друштво на бугарскиот првак Нефтохимик Бургас, црногорскиот шампион Будва, како и екипата на Фино Капошвар од Унгарија кои ја сочинуваат групата „1“.
За пласман во следната рунда, Струмица ќе мора да брка пласман на првото или второто место во оваа прва фаза од натпреварувањето.
Според променетиот формат на ЦЕВ, оваа година ќе се играат две рунди во т.н. прелиминарна фаза на најсилното европско натпреварување, по што само две екипи ќе добијат шанса да влезат меѓу 16-те тимови кои ќе играат во главната фаза на Лигата на шампионите.
Струмица ќе има тешка задача, но и голема обврска на најдобар начин да ја престави македонската одбојка во најсилното европско друштво низ натпреварите кои следуваат ова лето и есен.