Пролет задржа уште еден значаен ракометар во своите редови откако денеска беше потпишан нов договор со Дејан Пецаковски.
Долгогодишниот репрезентативец на Македонија му се приклучи на Пролет во јуни 2020 година и оттогаш е значаен првотимец, наметнувајќи се како командант на одбраната во последните неколку сезони.
„Искуството, цврстината и квалитетот беа доволна препорака дека овој 37-годишен ракометар се уште може да игра на високо ниво, по што беше најден заеднички јазик за продолжување на меѓусебната соработка.
Со задржувањето на Пецаковски, како и со потпишаните договори со засилувањата Арсеновски и Николовски, станува јасно дека цврстата одбрана ќе биде заштитен знак на нашиот тим и во новата натпреварувачка сезона, во која Тинекс Пролет повторно ќе атакува на висок пласман“, се вели во известувањето на Пролет.
За потсетување, покрај трансферите на Арсеновски и на Николовски, Пролет успеа да ги задржи клучните играчи од ланската сезона, потпишувајќи нови договори со голманите Михаљевиќ и Петковски, кои бранеа одлично во изминатиот период, како и со најдобриот стрелец Давор Палевски.