Пелистер денеска се пакува и се сели во Маврово каде ќе ги одработи базичните подготовки за новата сезона во која ќе има голем предизвик – Лигата на шампиони. Битолчани вчера го имаа првиот официјален собир, а свој збор кажа и новиот директор, Бранислав Ангеловски.
„Чест, задоволство и огромна одговорност е да се биде дел од овој наш познат македонски бренд. Се соочуваме со историски момент за нашиот клуб. За првпат играме во овој формат во Лигата на шампионите, кој е квалитетен како никогаш досега. Сигурно дека во тимот ќе дојдат уште неколку засилувања. Не сакаме да брзаме, бидејќи приоритет ни е квалитетот, а не бројноста. Не сакаме да дојдеме во ситуација во која ќе имаме повеќе бројност отколку квалитет, затоа што во овој тим има вистински шампиони, кои веќе го покажаа тоа неколку пати, и никако не сакаме да го успориме нивниот развој“, изјави Бранислав Ангеловски.