Мизерија. Срамна елиминација на Шкендија и тоа по пенал – рулетот и тоа од Хаверфордвест. Каков шок за клубот од Тетово.
Невидена бламажа се случи вечерва во Кардиф за тимот од Тетово. И тоа од едни аматери од Велс, но вечерва Шкендија беше аматерска екипа без дилеми.
Кога сме кај пеналите да кажеме дека велшаните беа подобри изведувачи со 3:2.
До 89,минута резултатот беше 0:0 и тетовци имаа пласман понатаму, но тогаш Џенкинс погоди за 1:0 и реваншот го однесе во продолженија.
Зарем ова е Шкендија која имаше планови и амбиции да се пласира во групната фаза на Лигата на Конференции? Какво срамно издание на тетовци во Кардиф, на реваншот во 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции.
По тие скопски 1:0 за тетовци, се очекуваше нешто подобра игра на четатата на стратегот Ардијан Нухиу, но таа подобра игра вечерва не ја видовме. Напротив, видовме едно очајно, мизерно издание на Шкендија и тоа против еден тим како што е Хаверфордвест.
Што ли играше Шкендија, како во Скопје така вечерва и во Кардиф? За настапот на Шкендија во овој двомеч некој мора “дебело“ да одговара.
Кога сме кај првото полувреме нема ништо што посебно да се одбележи. Млитава игра, посед кој е бадијала, без ниту една акција изградена како што треба, добра одбрана на Хаверфордвест и неубедлива Шкендија.
Чинари имаше можност за гол во 41.минута, но не се снајде најдобро од изгледна шанса. Претходно истиот играч уште во два наврати се закани, а и Адили се обиде од околу 30 метри да го изненади домашниот голман.
Велшаните пак преку Фосет и Овен во два наврати се заканија, недоволно да се совлада Талески.
Па така на пауза се замина без голови, со тие 0:0.
ВЕЛШАНИТЕ ЌЕ ЈА “СМРЗНЕА“ ШКЕНДИЈА, АДИЛИ СПАСУВА, НО НЕ И ВО 89.МИНУТА
И кога е така, кога се игра како што играше Шкендија, во 55.минута малку недостига ривалот да те “смрзне“. Имено Вотс и Овен беа во шанси, шутираа кон голот а Талески и тоа во една акција, а таму Адили спаси и тоа како. Ова требаше да биде лекција за момците на стратегот Ардијан Нухиу.
Среќа, многу среќа за нашиот тим.
Инаку и во второто полувреме исто како и во првото, тука мислиме на Шкендија. Поседот кај тетовци, но тоа е толку јалово, што по малку е и здодевно.
Повеќе се очекуваше од Шкендија и дефинитивно, ако се знае кој е противникот.
Некој ќе каже ова е игра без ризик, но во фудбалот такво нешто не постои. Мора да се даде гол, ако се сака победа, ако се сака во финишот да не се “тресеш“.
Но гол, нема па нема. И натаму некоја игра без конкретна идеја што се сака и како да се дојде водство.
Тотре од немајкаде во 76.минута шутираше, но домашниот голман беше на своето место.
И тогаш во 89.минута Џенкинс жестоко ја казни Шкендија, донесе водство од 1:0 за еуфорија кај велшаните а овој реванш меч го однесе во продолженија.
1.квалификациско коло во ЛК (реванш)
ХАВЕРФОРДВЕСТ (ВЕЛ) – ШКЕНДИЈА (МКД) 1:0 (0:0) (3:2 пенали)
Стадион “Кардиф Сити“ во Кардиф (Велс). Судија: Иван Ори Кристјансон (ИСЛ). Стрелци: Џенкинс 89. (ХАВ). Ж. Картони: Фосет, Вајтмор, Овен (ХАВ), Чинари, Красниќи (ШКЕ).
ХАВЕРФОРДВЕСТ: Џонс, Вотс, Џенкингс, Борг, Абрузесе, Овен (78. Вилсон), Вајтмор, Ричардс, Хоукинс, Тејлор-Кросдејл, Фосет.
ШКЕНДИЈА: Талески, Лимани, Адили, Цаке, Велија, Ќака, Тотре (105. Рамадани), Красниќи, Чинари, Шаља (80.Максимов), Аганспахиќ (74. Елези).