Мелник победник на квалификациските турнири во шах за слепи и слабовидни лица

50

Младиот Стефан Мелник, член на Шаховскиот клуб „Алкалоид“, со неочекувано голем успех го заокружи настапот на Државното првенство за слабовидни лица, кое беше организирано во Струга и кое заврши на 20 јули.

Стефан низ квалификациите со сигурна игра се пласираше во финалето за 2023 година, откако на Градското првенство на Скопје го освои првото место со 4,5 поени (од 5 партии), а потоа настапи и на полуфиналниот турнир, при што повторно го освои првото место со 8 поени (од 9 партии).

Со само 15 години се пласираше на финалниот турнир во сениорска конкуренција, на кој учествуваат десетте најдобри слабовидни шахисти во државава (шесте најдобропласирани играчи од минатото првенство и четворица играчи преку квалификации). Победник на финалниот турнир и шампион за 2023 година, со 7 поени од 9 партии, е Селковски Жарко,

додека, пак, Стефан, со освоени 4,5 поени, се избори за шестото место, кое за идната година му обезбеди директен пласман на завршниот турнир.

„Задоволен сум од пласманот на шестото место за 2023 година, иако, искрено, посакував повеќе и мислам дека можев да бидам барем за некое место подобар. Сепак, во одредени партии направив мали грешки, за кои ќе се трудам во иднина да не ги повторам. Државното првенство за слепи и слабовидни лица е силен, респектабилен турнир и се надевам дека не само што во иднина ќе играм со најдобрите туку и дека ќе се наметнам кај селекторот ВМ Трајко Недев, бидејќи за мене тоа ќе биде остварување на сонот да играм за шаховската репрезентација на Македонија“ – изјави овој наш мошне млад и надежен шахист.

Стефан имаше значаен подем во светот на шахот откако започна активно да настапува на турнирите во текот на 2022 година, а од есента ги посетува и часовите во Шаховскиот клуб „Алкалоид“ во напредната група, која ја води велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ.

Оваа година, исто така, настапи на неколку шаховски натпреварувања борејќи се рамноправно со сите други учесници шахисти. Вредно е да се спомене и освоеното седмо место на Државното јуниорско првенство во категоријата до 16 години, со што се етаблира како потенцијал од кој во иднина може да се очекува уште повеќе.

Претходно„Мундо Депортиво“: Осасуна тргнува по Барди
СледноАнчелоти: Овој Реал е посилен од оној од минатата сезона