Епска бламажа: Газда Дестани сега треба сите да ги избрка од Шкендија!

13359

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Кога по малку како да заборавивме на она лето 2019 кога Шкендија ја избрука фудбалска Македонија со поразите од Номе Калју и Дуделанж, кога мислевме дека оние 0:6 против словенечка Мура, биле само онака…синоќа во Кардиф се случи ЕПСКА БЛАМАЖА. Најголемата бламажа во историјата на нашиот клупски фудбал, па ако сакате и воопшто во мак-фудбалот од 1993 година па наваму.

Да, не е шега. Екипата која најавуваше дека амбициите се пласман во групната фаза во Лигата на Конференции, не успеа да ја мине ниту првата пречка наречена – Хаверфордвест, некоја си полупрофесионална екипа од Велс, која на Трансфермаркт вреди едвај 1 милин евра, а Шкендија речиси 6 милиони.

Ова е ЕПСКА БЛАМАЖА која веќе служи за потсмев. Не дека не се случувале изненадувања, сензации, па затоа фудбалот е интересен. Ова е веќе ХОРОР…

Јасно е дека буџетот во Шкендија не е ист како и пред некоја година кога овој тим играше во три наврати во плеј – офот во Лига Европа. Но, не е јасно што се работи во летниот преоден рок. Си заминуваат Хасани, Бејтулаи, Дориев, не го враќаш Маневски, а носиш засилувања кои веќе личат на смешки. Некои како Ќака на пример, ова е во зимскиот преоден рок, пред една година го бркаш а потоа го враќаш како засилување. Не му даваш шанса на еден Флорент Рамадани кој лани во Европа блескаше, даваш пари за Максимов а тој ти седи на клупа. Немаш адекватен стопер, немаш“фантазиста“, немаш…и така може да набројуваме до утре. И немаш лидер, што е најважно. Не можеш во еден преоден рок да останеш и без Хасани и без Бејтулаи. Не смееш…May be an image of 9 people, people playing soccer, people playing football and text

Никако не успеваш да го “вратиш“ Дашмир Елези,кој до пред две години важеше за мега – талент, а сега е само еден просечен млад напаѓач.

Ова е критика за раководството.

А сега за стручниот штаб.

Фрапиран бев од изјавите на стратегот Ардијан Нухиу дека тој е задоволен од настапот на неговата екипа во Скопје на првиот меч, бил горд на својата екипа дека имала победнички менталитет.

Каде виде добра игра, каде виде победнички менталитет? На што може да биде горд?

А во Кардиф катастрофа…

Секоја акција на Шкендија личеше една на друга. Од десно Чинари треба да проигра повратна со Аганспахиќ,или да на крајно лево да му додаде на Шаља. Ништо друго. И затоа беше тој јалов посед, изгледаше толку смешно, па зарем на клупата на Шкендија не видоа каде води тоа?

Е, сега за играчите, кои беа посебна приказна. Од единаесет стартери, дури седум странци и само еден кој потекнува од Шкендија.

И се е кажано, не треба дополнителна елаборација.

Сепак и покрај се, Шкендија мораше, ама баш мораше да ја мине оваа пречка. Нема никакво оправдување за се она што се случува во клубот во последниот период.

Можеби е време, а и треба по оној вчерашен срам во Кардиф, газда Дестани да ги избрка сите од Шкендија, од претседател, преку стручен штаб и играчи, до економ, да направи рестарт и да ја врати Шкендија таму каде што треба да биде.

Овака Шкендија служи само за потсмев…

Па, и заслужи сите да и се смеат!

За 210 минути да му дадеш само еден гол на оној полупрофесионален тим од Велс, значи дека ти си катастрофа.

Секако дека сега ќе видиме како ќе реагираат фановите на Шкендија. На социјалните мрежи врие…

ПретходноКадетите ги добија противниците во квалификациите за ЕП 2024
СледноАпостолски Лечиќ: Во Португалија резултатот е во прв план, сакаме да ја израдуваме нацијата!