Пишува: Огнен Чак Дојчиновски
Денешниот датум, 22. Јули секогаш ќе биде посебен. Посебен за оние кои што во себе ја носат „црвено – црната“, боја, бојата на ФК Вардар. Денеска најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија, слави роденден. Денеска се навршуваат 76. Години од основањето на клубот, кој во 1947 година од страна на градот Скопје, а во фузија на тогашните ФК Победа односно ФК Македонија е создаден единствен клуб, ФК Вардар.
Годините, децениите кои следуваат ќе го направат ФК Вардар убедливо најдобриот клуб од Македонија. Во сите тие години Вардар славел победи, титули, успеси, но и родендени, и кој со сопственото функционирање испишал страници и страници своја историја.
Имало златни моменти, имало и премрежја, но, ФК Вардар роденден како овој, сегашниот, тешко дека помни. На Вардар и не му е до роденден во моментов, не му се слави. Зошто има цела планина проблеми кои мора да ги реши, ако воопшто може и ако сеуште има време за тоа.
Вардар во моментов е прволигаш кој сеуште има нерешен статус дали и како ќе ја одигра претстојната ПМФЛ сезона. Со самиот пласман во истата, „воскреснаа“ како демони оние долгови од претходно, оној финансиски и организациски „хаос“, кој и го донесе Вардар до статус на второлигаш и за кои рокот не само што е „пет до дванаесет“, тој е веќе одамна изминат.
Комити го преземаа раководењето на клубот, имаат полни раце работа, и прават се што можат околу тоа. Продаваат сезонски билети, трчаат по институции, „бркаат“ спонзори. Момци, секоја чест за тоа. Волјата, љубовта, и енергијата со која што го правите тоа ни дава за право на сите да веруваме дека има надеж за Вардар. Да, веруваме дека е така и имате сега полно и апсолутно право да решавате за ФК Вардар. Да решавате и да носите одлуки. Клучни одлуки, кои некој пред вас требаше, мораше да ги донесе, ама немаше „м..а“ но и капацитет очигледно.
…. Македонскиот национален идентитет
Во одбрана на Македонскиот национален идентитет, е насловот на книгата напишана од мојот драг сега веќе покоен тетин Коле Мангов. Гломазно четиво, збирка на текстови на тема борбата за Македонија објавени во нашите медиуми во раните деведесетти години. Најголемиот патриот. Еден од основачите на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, член на уставната комисија при носењето на референдумот за независност на Македонија, уставен судија, поет, писател…. Прогонуван поради своите македонски убедувања, ставови и патриотизам во режим кој не го дозволувал тоа. Неговата љубов кон Македонија била најсилна тогаш кога била забранета, осудувана. Чинам како оваа љубов искажана кон ФК Вардар сега од страна на неговите искрени навивачи. Осудени, обележани, исмевани. Да, навивачите на Вардар сега се обележани, нивната идеја за спас на клубот е исмевана. Сами се во тоа….
Осудени како да спасуваат нешто туѓо… не бе луѓе, Вардар е на сите нас. Клубот на Скопје, клубот на Македонија, клубот на народот. Нивен, ваш, наш…. Чуму тој гнев спрема него? Бил партиски обележан, бил продолжена рака на олигарси, бил предмет за пресметка и добивање политички поени.
Епа доколку било така, сега е можност да се покаже и докаже спротивното. На овој роденден на Вардар да се покаже дека тоа е минато, и дека на Вардар му е потребна нова, поинаква приказна. Здрава, фудбалска приказна, во која партиските полтрони и вечните легенди не одлучуваат ништо, зошто сега не се таму, а се надевам нема никогаш ниту повеќе да бидат. Зошто тие се вистинските виновници за пропаста на Вардар и дереџето во кое се наоѓа клубот. Не се тоа Шверцери верувајте кои први се јавија зошто на Вардар му се помага. Тие си имат своја агенда и си ја спроведуваат, точно знаат што прават. За разлика од Македонецот кој не гледа подалеку од „чашата“ пред него, или не сака да види. Не сака да препознае што е национален интерес, што значи да се ставиш во одбрана на Македонскиот национален идентитет. Да, Вардар е токму тоа, и така треба да биде третиран, особено на денешниот ден, денот на неговиот роденден.