Македонската кошаркарска У-18 селекција денеска од 19 часот ќе го одигра својот прв меч на ЕП во Б-дивизијата и тоа против Велика Британија во Матошинос (Португалија).
Еден од адутите во нашата селекција е Андреј Шошкиќ, кој пред неколку дена беше дел од У-20 селекцијата на Македонија која направи голем успех, се пласира во А-дивизијата:
„Зошто да не, мислам дека можеме да го повториме успехот кој го направивме со младинската селекција. Иако не тренирав постојано со оваа ‘моја селекција’ во изминатиот период, секако поради обврските кои ги имав со ‘постарите колеги’, верувам во нивните квалитети. Навистина добро се познаваме, добро функционираме како тим, што е исклучително важно, имаме хемија која треба да нè донесе до добар резултат на првенството во Португалија. Екипата е максимално подготвена, зад нас е еден успешно одработен период на подготовки. Мислам дека можеме да се надигруваме со сите противници. Јасно е секогаш првиот меч на првенството е најтежок за играње. Полека се аклиматизиравме по доаѓањето во Матошинос, и влегуваме максимално посветени за овој нов предизвик кој со себе го носи играњето за националниот дрес“ изјави нашиот репрезентативец.
ЕП – „ПОД 18“ МАЖИ – ДИВИЗИЈА Б – МАТОШИНОС 2023
ГРУПА „А“
РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО
Велика Британија – Исланд 77:68
Австрија – Норвешка 97:64
МАКЕДОНИЈА – слободна
ДВОЈКИ 2. КОЛО (САБОТА)
19.00: МАКЕДОНИЈА – Велика Британија
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/7qMip65X4pM?feature=share
19.00: Исланд – Австрија
Норвешка – слободна