Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, му испратил понуда на Никола Миротиќ „тешка“ осум милиони евра за двегодишен договор, пренесува познатиот кошаркарски портал Спортандо.
Како што се наведува во информацијата, Јанакопулос реагирал откако 32-годишниот Миротиќ изјави дека нема да го одржи зборот даден пред челниците на Партизан и нема да ги засили белградските „црно-бели“.
Гркот сака да ја искористи новонастанатата ситуација и дополнително да го засили тимот за следната сезона. ПАО целосно го реконструираше тимот за следната сезона, во кој од клупата ќе го води двократниот евролигашки првак, Ергин Атаман.
Меѓу „зелените“ веќе пристигнаа Лука Вилдоза, Димитрис Мораитис, Матиас Лесор, Костас Адетокумбо, Динос Митоглу, Костас Слукас, Џеријан Грант, Јанис Папапетроу и Кајл Гај.