Македонската јуниорска кошаркарска репрезентација го запиша вториот пораз на Европското првенство „Б“ Дивизија. По Велика Британија, Австрија е селекцијата која успеа да слави над „црвено-жолтите“, драмата ја реши со 77-74. Македонија има за што да жали водеше со плус 17, но брзо ја испушти оваа позитива, па казната стигна.
Избраниците на селекторот, Андреј Апостолски Лекиќ одиграа во променлив ритам, имаше моменти во кои целосно доминираа и се чинеше дека победата е обезбедена, но токму таа некостантност беше причина за да противникот се врати во игра и на крајот се радуваше.
Шошкиќ имаше дабл-дабл од 27 поени, 10 скока, а зад своето име додаде и 9 асистенции, зад него беа Иванов и Луканоски со по 14 поени.
Австрија беше подобра во воведот, но нашите момци со серија од 8-2 го свртеа мечот, поведоа со 10-12, пред крајот на првата четвртина водството беше двоцифрено (16-31). На стартот на вторио период, Македонија имаше и плус 17 (19-36). Но, за кратко време противникот успеа да намали на 33-38 на одморот.
Австрија не застана тука, во вториот дел од третата четвртина успеа да ги раздрма нашите редови, па наместо водство, Македонија отиде во негатива од два поени (58-56). Ова беше најава за бурен меч. Шошкиќ најдобриот стрелец го држеше резултатот во полза на „црвено-црните“. Но, овој пат позитивата од пет поени не „гарантираше“ ништо.
Австрија со серија од 5-0 изедначи на 70-70 на четири и пол минути до крајот на мечот. Ова беше причина за хаос на двете страни, двата тима беа минута и пол без постигнати поени. Противникот зголеми на 71-70, водството се менуваше, но минималната предност ја имаа австриските кошаркари.
Шошкиќ израмни на 74-74 од линијата за слободни фрлања, откако и двете репрезентации се изнапромашија, Шошкиќ направи лична грешка, Костиќ реализираше едно слободно за 75-74, а Македонија не успеа да направи дефанзивен скок, напротив следеше неспорткса лична грешка за голема радост во редовите на Австрија (77-74), а тага во македонските редови.