Ретки се наши фудбалери кои како странци се капитени, најдобри играчи во своите екипи. Така било порано, а така е и сега. Еден од тие е Филип Најдовски (30), дефанзивецот на Тирана, на еден од најдобрите клубови во Албанија, некогашен првак а сега вицешампион на таа земја.
Е, на тој клуб, Македонецот е капитен. Секако дека ова нешто вреди, да си предводник на еден таков клуб во Албанија, во лига која и тоа како е на повисоко рамниште од нашата.
И не само тоа, Филип е и миленик на фановите на Тирана, исто така за него нема ден а да не излезе некој текст на бројните портали или весници кај нашиот запаен сосед, со негова изјава, коментар, очекувања.
И тоа е така само поради фактот дека Најдовски и тоа како професионално си ја одработува својата плата во Тирана, максимално сериозно си го одработува договорот.
Посебно сега кога е капитен, дава пример на сите.
Тој во Тирана е од 2020 година кога направи трансфер од Вардар. Покрај него уште неколкумина наши играчи во овие три години играле за Тирана, но само тој остана, и тоа нешто кажува.
Интересно, Најдовски и кога играше во Македонија, а посебно во Вардар и беше еден од најзаслужните за последната титула во таа 2019/2020, беше потценет како играч. И од страна на селекторите, и од нас медиумите, пошироката јавност. Најдовски е скромен дечко, не сака премногу да се експонира во јавноста ако нема потреба, а е играчиште.
Без поговор ќе ја одработи задачата, без разлика дали ќе го ставиш како стопер, како десен бек или последен играч за врска. Тоа него не го интересира, важно е да биде на терен и да даде се од себе тимот за кого игра да дојде до победата.
Најдовски бил за сите негови досегашни клубови Цементарница, Напредок, Тетекс, Победа, Вардар…вистинско богатство, а сега во Тирана е капитен.
Зарем треба дополнително да се кажува за него што и како.
Нема дилеми, Филип е играчиште од сенка, си гази…ама никој не го гледа.
Се знае на кого мислиме…