Македонската кошаркарска репрезентација денеска стартува со подготовките за претквалификацискиот олимписки турнир кој од 12. до 20. август ќе се одржи во Талин (Естонија) и Гљивице (Полска).
Селекторот, Александар Јончевски денеска во СЦ „Борис Трајовски“ ќе прозива. По Бојан Крстевски за овој циклус откажа и Андреј Јакимовски. Големата кошаркарска надеж поради обврски во Америка не може да одговори ниту за овој собир.
Најавени се и две приклучувања подоцна. Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс ќе бидат дел од овие претквалификации, но ќе им се приклучат на останатите една недела подоцна.
Првиот меч на турнирот во Талин, Македонија ќе го одигра на 12. август, противник ни е селекцијата на Израел, eден ден подоцна, на 13. август нашите најдобри кошаркари ќе играат против селекцијата-домаќин, Естонија.
По еден ден пауза, поточно на 15. август, следува и дуелот против репрезентацијата на Чешка, по што ќе го имаме конечниот изглед на табелата во оваа „А“ група од претквалификациите.