Хаосот кој настана во кошаркарската репрезентација на Србија, а во пресрет на Мундијалот летово, проба да го објасни самиот селектор Светислав Пешиќ.
Тој во изјава за медиумите во Србија, проба да објасни како неговата селекција ќе патува на Светското првенство без најдобрите играчи и зошто е тоа така.
„Уште во јуни знаевме дека не можеме да сметаме на Лучиќ, а и Калиниќ кои откажаа поради разни проблеми. Митровиќ исто така сакавме да биде тука, но замоли да биде ослободен за да ги залечи сите повреди. Рече дека доколку е потребен за квалификациите ќе дојде. Мициќ беше долго време контактиран, а и тој замоли да биде прескокнат годинава. Имаше повреди, долго не играше“ – рече Пешиќ па се осврна на главната тема.
„Што се однесува до Јокиќ, со него се обавени неколку разговори. Тоа се најдобрите разговори кои некогаш сум ги водел со еден репрезентативец. Јокиќ е ментално и физички истрошен и не може да одговори на предизвиците на турнирот, односно да ја преземе одговорноста која се бара од него. Тоа се играчите кои не се на списокот. Би сакал да разговарам за играчите кои се на списокот но тоа очигледно дека помалку ве интересира“ – им се обрати на новинарите искусниот стратег.