Во првиот дуел од двомечот од 2.квалификациско коло во Лигата на Конференции, попладнево во Охрид, Струга ТЛ со 1:0 го совлада Будуќност и со предност ќе патува на реваншот во Подгорица следната недела.
Струга ТЛ може само да жали што не победи поубедливо и уште на првиот меч да го реши севкупниот победник и патникот за следната рунда. Посебно ако се знае дека Струга ТЛ во тој прв дел покрај голот на Бесарт Ибраими, имаше барем уште 3-4 големи шанси.
Инаку ова е прва европска победа на Струга ТЛ во својот петти настап во својата историја.
Во првиото полувреме тотална доминација на Струга ТЛ. Уште во 7.минута Ибраими го отвори серијалот на промашувања, имаше убава шанса за рано водство, но тој шут беше блокиран. Пет минути подоцна и Радески се обиде да ја затресе мрежата на Будуќност, но не погоди. Во 21.минута Ибраими го погоди левиот дирек на гостите, нашиот шампион доминира, играчки навистина е одличен, но гол нема па ема. Во тие моменти и Бојку шутираше од изгледна ситуација, но таа топка отиде над голот на гостинскиот голман Павличиќ.
Во 28.минута Ибраими повторно во шанса, но повторно нема гол.
И конечно радост на СРЦ “Билјанини Извори“ во Охрид. Ибраими нешто одлево од околу 10 метри беше максмално прецизен за гол, за водство на Струга ТЛ.
И по тоа водство Струга ТЛ продолжи со нападите, но на одмор се замина само со 1:0.
БУДУЌНОСТ КОНЕЧНО СЕ “БУДИ“
И во вториот дел нашиот тим влезе со намера да игра, да креира акции, шанси, да стрела во мрежата на Будуќност. Прво Бојку во 58.минута шутираше, а потоа и Шабани се закани од изгледна ситуација.
Штета, Струга ТЛ можеше слободно до овој момент да има водство од три-четири гола разлика.
Но и гостите како да започнаа да играат, Ќосевски во 56.минута ја имаше првата интервенција.
Будуќност полека се буди, како да делуваа кај нив оние свирежи на десетината нивни фанови кои се најдоа на трибината на стадионот во Охрид.
Како што одминуваше второто полувреме очигледно беше дека гостите се “разбудија“, не толку со шанси, колку со неутрализирање на играта на нашиот тим. Струга ТЛ потешко доаѓаше до казнетиот простор на гостите.
Мирковиќ во 71.минута за малку ќе израмнеше, а Радески две минути подоцна задоцни за малку да зголеми на 2:0.
Штета.
2.квалификациско коло во ЛК (прв меч)
СТРУГА ТЛ – БУДУЌНОСТ 1:0 (1:0)
Стадион СРЦ “Билјанини Извори“ во Охрид. Судија:Артјом Кучин (КАЗ). Стрелци: Ибраими 30. (СТР). Ж. Картони: Ибраими, Бојку, Таири (СТР), Гашевиќ, Грбиќ, Брновиќ, Перишиќ (БУД).
СТРУГА ТЛ: Ќосевски, Незири, Кривањева, Радиќ, Малиќи (85. Укпа), Бојку, Мазрекај (79. Згуро), Таири (46. Касами), Шабани, Радески (85. Јахја), Ибраими (79. Јаровиќ).
БУДУЌНОСТ: Павличиќ, Игњатовиќ, Дакиќ (38. Дашиќ), Аџиќ, Гашевиќ, Мирковиќ, Секуловиќ, Алмеида, Брновиќ, Секулиќ (71. Перишиќ), Грбиќ (71. Нововиќ).