Македонската кошаркарска репрезентација во моментов се подготвува за олимписките претквалификации кои стартуваат на 12. август со турнирот во Талин, а кои продолжуваат во полскиот град Гљивице, и во таа насока нашиот национален тим секојдневно работи во салата Кале во Скопје.
Андреј Маслинко е повторно дел од тимот, а играчот кој треба да одговори на позициите во рекетот смета дека мечевите кои следуваат во Талин се шанса ние да покажеме што можеме во моментов.
„Подготовките само што започнаа. Се подготвуваме, макар што сеуште не сме комплетни, односно, допрва треба да се комплетираме. И искрено се надевам дека ќе имаме доволно време до пријателските натпревари да се подготвиме, и да дадеме некој свој максимум“– вели Маслинко.
Дали оние две проверки против Полска, на „неутрален терен“ во Белград, ќе бидат доволни за да бидеме максимално подготвени за она што нè чека во Талин?
„Краток е периодот на подготовки. И нема доволно време за натпревари. Од таа гледна точка, натпреварите се добредојдени. Ако има уште некој меч, тоа би било голем плус. Меѓутоа, тоа е што е, мораме да се подготвиме најдобро што можеме“.
Реално, колку победи може да се очекуваат на турнирот во Естонија. И дали можеме да направиме нешто повеќе, односно да имаме прогресија во следната фаза од претквалификациите за Олимпијадата во Париз?
„Да бидам искрен, не ги познаваме, сеуште, доволно ростерите на противниците. Јас се надевам на успешни игри. Ќе одиме максимално, до крај. Ќе одиме на победа на секој натпревар. И се надевам дека можеме да се надигруваме со сите селекции кои ќе бидат таму во Талин“ – дополнува крилото на нашиот сенироски национален тим по приклучувањето на подготовките кои во наредниот период продолжуваат во салата на СРЦ „Кале“.