Меч за уживање на Арената: Шкупи VS Левски!

781

Вечерва од 21 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, се игра првиот натпревар од двомечот од 2.квалификациско коло во Лигата на Конференции меѓу Шкупи и Левски Софија. Тоа ќе се биде меч за уживање, со две навивачки групи ако се знае дека на западната трибина ќе бидат најмалку 1.600 фанови на бугарскиот клуб.

По оние 0:5 во Литванија против Хегелман, и лесното минување на чаирчани во следната фаза во квалификациите во Лигата на Конференции, апетитите на нашиот претставник како да пораснаа. И јасно е зошто е така. Шкупи има добар тим, вечерва стратегот Чихат Арслан ќе смета и на Вахид Хамиди, ќе ја има поддршката од “шверцерите“, и е максимално подготвен.

Според буџетот, историјата, па ако сакате и според имињата на играчите, Левски Софија ја има таа фаворитска улога, а и реваншот се игра во Софија следниот четврток.

Но вечерва Шкупи игра дома, игра на Арената, посакува со добра игра да дојде до добар резултат. На тие два меча со Хегелман четата на Арслан и тоа како покажа дека знае да биде и тактички мудра и паметна кога треба, посакуваме така да биде и вечерва.

Не е тајна дека патникот за следната рунда ќе се решава во Софија, што ја прави работата за Шкупи уште потешка. Предизвикот е голем, Левски е силен тим, но тоа е и тим кој не е непобедлив. Имаат Бугарите и тоа како слаби страни, кои се надеваме дека Арслан и играчите ги знаат.

Па, вечерва нашиот претставник нека одигра како што знае и треба, па со предност нека патува во реваншот во Софија.

Да се потсетиме дека победникот од овој двомеч, а се надеваме дека тоа ќе биде Шкупи, во 3.квалификациско коло во Лигата на Конференции за противник ќе го подобриот од двомечот Хапоел Бер Шева (Израел) и Паневезис (Литванија).

Како што веќе нагласивме, мечот започнува од 21 часот а судија ќе биде Давид Фуксман од Израел.

ПретходноРК Вардар 1961 го претстави својот нов спонзор!
СледноОфицијално: УЕФА и дозволи на Барселона да игра во ЛШ, но….