“Трето полувреме“: Левски повторно е во Скопје!

1125

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вечерва од 21 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје ќе се одигра првиот дуел од двомечот во 2.квалификациско коло во Лигата на Конференции меѓу Шкупи и Левски Софија. Гостите од Софија по цели осум децении повторно во Скопје ќе одиграат официјален меч, ако ги сметаме за официјални оние гостување на Левски во текот на окупацијата на фашистичка Бугарија во периодот на втората светска војна.

Секако дека од тогаш мина многу време, години и години и децении, но сепак за скопјани тимот од Софија е еден од најомразените, ако знаеме добро што се случувало текот на окупацијата. А, знаеме и тоа како добро. Ни кажувале нашите дедовци и баби кои си имале проблеми со окупаторите тогаш.

На тоа не потсети и фантастичниот филм на Дарко Митревски – Трето полувреме. Филм кој раскажува за тогашниот клуб Македонија, за клубот кој се натпреварувал во тогашната лига на Бугарија, и за тоа како било во март 1942 година кога Левски гостувал во Скопје.

ФК Македонија пред околу 5.000 гледачи, во Скопје, повела со 2:0.Момците на легендарниот тренер Илеш Шпиц одиграле феноменално, за себе, за своја душа, за Македонија. Бугарите виделе каде води таа “приказна“ и успеале да постигнат нерегуларен гол признат од судијата. Секако, публиката во Скопје почнала да негодува, дошло до немири и мечот бил прекинат а потоа регистриран со 3:0 за Левски.

Има сведоштва од директни учесници на тој меч. ФК Македонија во тоа време била симбол на непокор на Македонците, на сите скопјани кои живееле во градот.

Ете тој Левски е во Скопје, вечерва ќе игра со Шкупи. Јасно е, сега се некои други времиња. Левски сега дојде во суверена и независна Македонија, време е за фудбал.

Сепак убаво е да се потсетиме малку и на она што се случувало пред осум децении, со оглед на тоа дека некои работи кај нашиот источен сосед не се менуваат и сега.

Ние многу добро знаеме кој ја негира Македонија, кој ги негира Македониците и кој не сака Македонија да влезе во Европската унија.

ПретходноОсум голови во трилерот меѓу Арсенал и Барса (ВИДЕО)
СледноМартинез отворено: Лукаку ме разочара