Италија и Турција доставија документација односно кандидатура до УЕФА за заедничка организација на Европскиот фудбалски шампионат во 2032 година.
УЕФА и официјално ја објави оваа информација со назнака дека ќе бидат разгледани кандидатурите, и ќе се донесе конечната одлука.
„УЕФА веќе почна да работи со фудбалските федерации на Италија (ФИГЦ) и Турција (ТФФ) за подготовка на документацијата за нивна заедничка апликација, која ќе ги исполни сите потребни услови“, соопштија од Европската фудбалска централа.
Ако се оди според планот, заедничката понуда на Турција и Италија ќе биде претставена пред Извршниот комитет на УЕФА на 10 октомври, кој ќе ги разгледа понудите и ќе ги одреди домаќините на ЕП 2028 и ЕП 2032. Заедничка понуда за домаќин на континенталниот шампионат во 2028 година имаат Англија, Република Ирска, Северна Ирска, Шкотска и Велс и истата е веќе поднесена.