МЗТ Скопје го потврди она што го најавивме, а тоа е дека двајцата лидери и најдобри кошаркари, Војдан и Дамјан Стојановски и следната сезона ќе го носат дресот на тимот од Аеродром.
„Горди сме што во следните 365 дена во нашиот тим повторно ќе го имаме капитенот Дамјан Стојановски, нашиот заштитен знак и една од најголемите клупски легенди во историјата, кој ќе ја одработи втората година од договорот потпишан минатото лето. Крај него ќе биде уште една легенда на макбаскетот, неговиот брат-близнак, Војдан Стојановски, кој исто така има уште една сезона за играње во плаво-белиот дрес. Договорна обврска со нашиот клуб од претходно, барем од делот на сениорскиот ростер, има и Андреј Андоноски, чиј талент е неоспорен, кој блесна во финишот од минатата сезона и од кого се очекува уште повеќе во иднина“, известија од таборот на актуелниот првак.
„Управата на клубот засилено работи на пополнување и на останатите позиции во тимот, со преговори со досегашни наши кошаркар, но и со нови потенцијални домашни и странски засилувања, кои ќе треба да го дадат дополнителниот шмек, а со тоа и квалитет во играта на гордоста на Аеродром. За сите нови информации навремено ќе бидете информирани преку нашата интернет-страница и профилите на социјалните мрежи“, се вели во продолжението на соопштението на клубот.